Бременост и пробиотици

Внесувањето соодветни хранливи материи е мошне значајно за здравјето и благосостојбата во текот на бременоста.

Честа е појавата бремени жени да станат посвесни за својот начин на исхрана,1 при што гo намалуваат внесувањето на потенцијално опасни супстанции, какви што се алкохолот, цигарите, и се обидуваат да консумираат поздрава храна.

Балансираниот начин на исхрана честo ги покрива зголемените нутритивни побарувања во текот на бременоста.1 Но големиот број спроведени истражувања укажуваат дека пробиотскиот додаток има здравствени погодности кај бремените жени и нивните деца.2 Пробиотиците се дефинираат како живи микроорганизми кои, кога се земаат во соодветни количини, позитивно придонесуваат за здравјето.3

Во дигестивниот систем постојат трилиони микробни организми.4 Овој екосистем, главно, се состои од бактерии, но во него, исто така, има и други организми, какви што се: вируси, габи и археи.4 Микрофлората има многу функции, меѓу кои и варење на храната и создавање хранливи материи, како и формирање на имунолошкиот систем.5 Пробиотиците кои содржат корисни бактерии, какви што се лактобацили и бифидобактерии – помагаат во обновувањето и одржување на рамнотежата на цревната микрофлора.6

Алергиските заболувања стануваат сѐ почести

Распространетоста на алергиски заболувања како егзем, алергиски ринит и астма се зголемува во последните декади.7 Според една теорија, нарушувањето на цревната микрофлора во раните денови од животот може да придонесе за развојот на вакви нарушувања.8 Ова се јавува поради фактот што бактериите во цревната микрофлора помагаат во стимулацијата за развој на имунолошкиот систем кај новороденчето, па затоа кога бактериската флора е нарушена и имунолошкиот систем не функционира нормално.8

Друго можно објаснување е дека појавата на имунолошки нарушувања е „хипотеза на чистота“. Оваа теорија тврди дека недостигот од изложеност на патогени во раниот период од животот спречува соодветно созревање на имунолошкиот систем на децата.7 Ова особено се јавува како проблем во западните земји, каде што животните услови имаат тенденција да бидат почисти и постерилни.

Тешко е да се поверува дека нашата куќа е всушност, пречиста, но од друга страна , тоа може да биде проблемот! Сепак, не фрлајте ги средствата за чистење.
Земањето пробиотски додаток во текот на бременоста и во периодот на доење може да биде од помош. Ова се случува затоа што корисните бактерии се пренесуваат од мајката на детето во директниот контакт, преку мајчината цревна микрофлора во текот на пораѓањето, како и преку мајчиното млеко во периодот на доењето.2

Неодамна е спроведено клиничко испитување, во кое 130 мајки еден месец пред породувањето земале пробиотик кој содржи бифидобактерии во облик на кесички, два пати дневно. По раѓањето, на бебињата им се давала по една кесичка пробиотик во период од шест месеци. Резултатите покажале дека пробиотскиот додаток значително го намалил ризикот за развој на алергиски нарушувања кај бебињата.7

Зачувајте си го здравјето во текот на бременоста

Пробиотиците може да се корисни за здравјето на бремените жени. Инфекциите го зголемуваат ризикот од предвремено породување за 30 - 50%.2 Докажано е дека пробиотиците го намалуваат ризикот за појава на инфекции, поради својата способност да ги раселат и да ги спречат патогените бактерии и да го го намалат воспалението.2

Друга област каде што пробиотиците потенцијално може да помогнат е при појавата на шеќерна болест кај трудници, гестациски дијабет (GDM). Оваа болест се дефинира како гликозна интолеранција што се јавува на почетокот на бременоста.9 Околу 7% од бременостите се комплицираат со гестациски дијабет (GDM). Оваа состојба може биде причина за зголемена фреквенција на хипертензивни нарушувања и потреба од породување со царски рез.9 Жена со гестациски дијабет (GDM) може да е изложена на ризик од развој на дијабетес по бременоста, додека нејзините деца се изложени на поголем ризик од развој на прекумерна дебелина подоцна во животот.9 Клиничкото испитување спроведено на 256 жени покажа дека земањето на пробиотик го намалува ризикот за развој на гестациски дијабет (GDM).10


1 Rutten N, et al. Eur J Pediatr. 2016;175:229-235
2 Sanz Y. Am J Clin Nutr. 2011;94(Suppl. 6):2000S-2005S
3 Conlon M & Bird A. Nutr. 2015;7: 17-44
4 Ursell L, et al. Nutr Rev. 2012;70(Suppl.1):S38–S44
5 Ciorba MA. Clin Gastro Hep. 2012;10(9):960–968.
6 Mitsuoka T. Asia Pacific J Clin Nutr. 1996;5:2-9
7 Enomoto T, et al. Allergology Int. 2014;63:575-585
8 Azad M, et al. BMJ. 2013;347: f6471
9 American Diabetes Association. ‘Gestational Diabetes Mellitus’. Available at: http://care.diabetesjournals.org/content/26/suppl_1/s103. Accessed July 2016
10 Barrett H, et al. Cochrane Database Syst Rev. 2014:Issue 2. Art. No.:CD009951. DOI:10.1002/14651858